ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Владата ги олабави анти ковид мерките

На спортски натпревари во сали, настани од областа на културата во затворено, за семинари, спортски обложувалници, ресторани, кафетерии и останати затворени простории ќе може објекти да бидат исполнети до 30 отсто, а на отворен простор до 50 отсто. Но, за влез на овие настани задолжително на врата ќе треба да се покаже сертификат за примена најмалку прва доза вакцина или сертификат за прележан на ковид 19 не постар од 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето. Владата на последната седница одлучи и дека останува забраната за одржување свадби, родендени и други приватни прослави во затворените делови на угостителските објекти. Но, која е епидемиолошката анализа според која здравствените експерти и владата да решија да ги олабават мерките и да дозволат присуство во затворени делови во објектите, денеска одговор немаше.

„Искрено, не можам да кажам која е епидемиолошката причина зошто се дозволи. Но, тоа беше препорака од Комисијата за заразни болести и така се постапи“, изјави Фатмир Битиќи вицепремиер за економија.

Вицепремиерот е со личен став дека во претходниот период требало да се воведат построги мерки, но сега смета дека е пикот на овој четврти бран и очекува намалување на бројот на новозаразени во периодот што следува. Угостителите пак, новите мерки ги оценуваат како нејасни и конфузни бидејќи велат доколку се дозволува влез во затворените делови само за вакцинирани или прележани граѓани, зошто да не може да се организира некаква прослава.

„Категоризираните објекти за настани остануваат и понатаму затворени, со што се остава простор повторно прославите да се пренесат на приватни локации, без контрола. Повторно се доведуваме до состојба во која ќе биде неопходна нова финансиска помош, а за од почетокот на октомври кога веќе нема да може да се работи на отворено, ќе треба да има нови протоколи за работа во затворен простор“, велат од ССК ТУРИСТИЧКО – УГОСТИТЕЛСКА КОМОРА.

Од владата најавија дека доколку се оцени дека се потребни нови мерки за поддршка на економијата ќе бидат поддржани сектори кои ќе бидат најпогодени од новиот четврти бран. Битиќи додаде дека со новите олабавени мерки, Владата не подготвува терен за да докаже дека нема да има проблем за организирање на најавениот попис во септември и на локалните избори во октомври. Власта е децидна дека со раст на бројот на вакцинирани и почитувањето на мерките, пописот и изборите нема да бидат закана по здравјето на граѓаните. Лична одлука на попишувачите ќе биде дали тие ќе бидат вакцинирани или не. Засега, во Владата не е разговарано дали постои опција пописот и изборите да се одложат во случај на ескалација на состојбите со вирусот.

„Сметам дека тоа што стана наш начин на живот, а тоа е носењето на маски, држењето дистанца, лична хигиена, плус вакцинирањето е сосема доволен доказ дека секоја една операција, па макар и пописот се безбедни за здравјето на граѓаните, ако ова се испочитува“, нагласи Фатмир Битиќи вицепремиер за економија.

Пописот треба да стартува на 5 септември и ќе трае до 30 наредниот месец, додека првиот круг од локалните избори се на 17 октомври.

Иле Петревски

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button