Владата најверојатно дополнително ќе се задолжува во Кинеската Ексим банка, за да може да го доизгради автопатот Кичево Охрид
Владата најверојатно дополнително ќе се задолжува во Кинеската Ексим банка, за да може да го доизгради автопатот Кичево Охрид
Владата на ВМРО ДПМНЕ, најверојатно дополнително ќе се задолжува во Кинеската Ексим банка, за да може да го доизгради автопатот Кичево Охрид. Дека оваа автопатска делница, која се гради скоро 11 години,ќе чини повеќе од 600 милиони евра, колку што досега се потрошени за нејзината изградба, потврди и премиерот Христијан Мицкоски. Ова само го потврдува фактот дека овој автопат, продолжува да биде бунар без дно.
„Од каде би се земале тие пари, повторно од кинеската Ексим банка? Па најверојатно би се продолжил тој заем, но се уште не сме дошле да размислуваме за тоа, бидејки даваме се од себе да не дојде до тоа. Имаме 16 свлечишта кои ги решаваме и во зависност од начинот на конструктувното решавање на тие свлечишта можно е да дојде до зголемување на цената, бидејки некој неодговорно се однесуваше седум години во минатото“, рече Христијан Мицкоски-премиер.
Мицкоски рече дека десет од шеснаесет свлечишта, биле од полесна природа.
„Шест посебно онаа кај местото Ботун се од потешка природа и најверојатно ќе треба со конструктивни шипови да се укрутува земјата за да нема понатаму свлекување или тоа понатаму некого да го чини и човечки живот. И заради таа неодговорност е можно, иако ние се ќе сториме да не дојде до такво зголемување на цената на автопатот“, додаде Христијан Мицкоски-премиер.
Од Стопанската комора на Македонија велат, дека поради одолговлекувањето на изградбата на автопатот изминатите години најмногу трпи стопанството.
„Јас да вложам толку пари, би бил секој ден на автопатот и заедно со нив би работел,за да тој автопат што побргу би бил завршен, затоа што тој е препород за овој регион, препород е за Македонија, тој е препород за неколку индустриски гранки. Тоа значи практично на кичевчани езерото да им го донесиш во дворот, тоа значи дека целиот развој на извозот ќе биде заврзан и ќе добиваме пари, значи дека ќе имаме подобри суровини и побрзо ќе стигнат до нас“, рече Бранко Азески-претседател на Стопанска комора.
Власта ветува дека по неколку пробивање на роковите, автопатот, кој почна да се гради во 2014 година, ќе биде готов до 2026 година, а еден дел ќе биде пуштен до почетокот на летната туристичка сезона./Алсат.мк
Мики Трајковски