ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Владата не ги открива економските советници

Формирањето на ново тело во Владата во кое членуваат 23 експерти од полето на економијата предизвика реакции кај дел од јавноста. Засега, од Владата велат дека не ги откриваат имињата на ангажираните економисти. Прво ќе чекале резултати од нив, па дури потоа ќе ѝ ги претставеле на јавноста. За експертите, добро е тоа што властите бараат решенија и мислења од експерти, но клучната одлука мора да ја носат функционерите коишто се избрани за тоа и имаат мандат од граѓаните.

„Секоја промена којашто се најавува е на тест на популизам или не. И тоа не е зависно која влада е на власт. Меѓутоа, одговорот се добива според тоа колкави резултати ќе се покажат и донесат…“, рече Бојан Кордалов, Комуниколог.

Вицепремиерот за економија, Фатмир Битиќи за Алсат вели дека формирањето на ова тело е по негова иницијатива. Паричен надоместок за нивниот ангажман не е предвиден бидејќи како што вели Битиќи, експертите ќе работат патриотски, без пари.

„Ова е група која треба да гледа на среднорочно и долгорочно, каде сакаме да ја однесеме нашата земја и каква иднина ќе креираме за нашите деца, за нашите внуци и правнуци. Тоа е нашата мисија на сите нас кои во моментов имаме можност тоа да го направиме“, рече Битиќи.

Првичните ставови на економистите со кои контактираше Алсат, а сакаа да останат анонимни беа дека на ваков начин не се гради државна стратегија за економијата. Решија јавно да не коментираат само за да не ги расипат односите со своите колеги кои се веќе дел од новоформираното тело. Инаку, во состав на кабинетот на вицепремиерот за економија има шест редовни советници и еден шеф на кабинет.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button