ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Владата сака да ја зголеми цената на дизелот со нова давачка

Владата размислува за воведување на нова давачка за дизел горивото. Нема да биде зголемување на акцизата, туку некој вид еколошка такса, вели министерот за финансии Фатмир Бесими. Кога ќе се договорат коалиционите партнери, ќе следуваат и средби и консултации со бизнис секторот. Евентуалното воведување на нова еко-такса, според ресорниот министер Бесими, ќе значи зелен развој и инвестирање во екологијата. Владата планира новата давачка да стартува од идниот месец.

„Тоа е дел од зелената транзиција за еколошки развој и токму поради тоа е предвиден фонд за еколошки развој односно зелен развој за еколошки проекти за трансформација од фосилни на обновливи извори на енергија. Тоа е агенда усвоена од Европската Унија. Ние сме го прифатиле тоа како влада и сега ги правиме тие заложби, бидејќи се за квалитетот на животот на граѓаните“, Фатмир Бесими министер за финансии.

Вчера опозициската ВМРО ДПМНЕ излезе со обвинување дека во ребалансот на буџетот има ставка која предвидува зголемување на цената на дизелот за четири денари. На тој начин опозицијата вели дека владата ќе се обиде да собере од граѓаните 54 милиони евра за една година, или триесетина до крајот на 2021- та. Ако ова се случи, на владата на СДСМ ќе и биде трето поскапување на дизелот преку зголемување на акциза или сега по ново воведување на еколошка такса.

А, лично премиерот Зоран Заев пред неколку дена тврдеше дека државната каса е стабилна и не се предвидува воведување на нов кризен данок.

Владата прави и пресметки дали има можност да се намали ДДВ – то на струјата од 18 на пет отсто. Но, засега нема конкретен став. Одлуката за оваа мерка треба да се донесе најдоцна до крајот на овој месец. Оваа мерка лани ја предложи Регулаторната комисија за енергетика а пред еден месец повторно ја актуелизираше и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Според очекувањата цената на електричната енергија ќе се зголеми за околу пет отсто, а тоа ќе се знае најдоцна до почетокот на идниот месец.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button