ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Владата ветува дека ќе истрае во намерата да го донесе Законот за продажба на државно земјоделско земјиште

Владата нема да се откаже од намерата за продажба на државно земјоделско земјиште. Иако на Електронскиот регистер на прописи осамнаа голем број забелешки предлог законското решение да биде повлечено, за министерот за земјоделство Аријант Хоџа со планот за продажба на државното земјиште дополнително ќе се развива земјоделството. Сепак, предлог решението ќе може да трпи измени откако ќе се слушнат сите забелешки од засегнатите страни, вели Хоџа.

„Не ни размислуваме да го повлечеме Предлог законот бидејќи цениме дека тоа е Закон кој ќе придонесе многу во делот на развојот земјоделството, но и во приходите во буџетот и инвестициите што би биле како дел од евентуалната продажба на земјоделското земјиште. Останува да се организираат уште најмалку две или три јавни дебати по региони каде што ќе бидат присутни засегнатите страни и самите земјоделци“, вели министерот Хоџа.

За директорот на Светска банка во земјава, Максимилијано Паолучи, Владата треба да ги земе во предвид поуките од другите земји, но и мислењето на јавноста.

„Рецептот тука е да се комбинира јавниот интерес со моделот на раст на земјата. Решението тука би требало соодветно да ги искомбинира овие два елементи и да одговара на потребите на луѓето во Македонија. Како што реков, имаме неколку примери коишто сме ги виделе ширум светот како и во европскиот регион, така и пошироко и имаме неколку извлечени поуки“, вели Паолучи.

Според нацрт верзијата на Законот, предвидено е продажба на 50 илјади хектари слободно државно земјиште, по цена од 0,30 до 1 евро за квадратен метар. Државно земјиште можат да купат физички и правни лица македонски државјани. Предлог законот предвидува и можност по 10 години земјоделско земјиште да се пренамени во градежно, да се даде под концесија за геолошки истражувања или експлоатација на минерални суровини.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button