ВМРО ДПМНЕ го повика Обвинителството да го истражи проектот за пруга кон Бугарија
ВМРО ДПМНЕ го повика Обвинителството да го истражи проектот за пруга кон Бугарија
ВМРО-ДПМНЕ го повика обвинителството да отвори случај за изградбата на третата делница од пругата со Бугарија, проект кој е во рамки на изградбата на Коридорот 8. Власта одново обвинува дека е направен проект за пруга кон Бугарија која завршува со тунел без крај, прашувајќи каде требало да завршат договорените милионски суми.
“Јавното Обвинителство да не молчи, да отпочне постапка и да даде одговор каде требало да завршат 23 милиони евра по километар за пругата со тунел без крај. Дали власта на СДСМ и ДУИ ја напумпала цената и кој требало да биде дел од проектот пруга кон Бугарија која завршува во тунел без крај”, рече Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската СДСМ преку соопштение возвратија на овие обвинувања, со став дека власта е комплетно неинформирана за овој проект и ги повикаа истражните органи целосно да го истражат случајот.
„Откако сфатија дека не можат да ги пренаменат парите, а уште повеќе дека проектот е под целосен надзор и контрола на ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ сака да прикаже некаков криминал и залудно потрошени пари. Им порачуваме слободно нека го истражат случајот наместо да праќаат јалови соопштенија и ќе треба да ја истражуваат ЕУ и нивните проекти тука. ВМРО-ДПМНЕ добро знае дека нема ниту криминал ниту залудно потрошени пари во тој проект“, велат од СДМС.
Функционери од власта веќе извесен период се на ставот дека парите добиени од ЕУ за изградба на оваа пруга треба да се пренаменат за реконструкција на коридорот од Табановце до Гевгелија. Сепак, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска минатата недела објасни дека парите за пругата, нема да можат да бидат пренаменети, туку постои опција да се разговара со Европската инвестициска банка за евентуално да се договори нов заем./Алсат.мк
Михаило Донев