ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ВМРО со реакција: „Пендаровски лаже за амнестијата“

ВМРО-ДПМНЕ го обвини претседателот Стево Пендаровски дека лаже. Ова следува откако Пендаровски кажа дека со него одредени лица се консултирале за можна амнестија на екс-премиерот Николоа Груевски. Од Кабинетот на претседателот потоа појаснија дека во два наврата биле упатени предлози до шефот на државата да помилува одредени политичари или да поддржи закон за амнестија на актуелни и поранешни функционери. Според Кабинетот на Пендаровски, тие предлози биле упатени од политички и безбедносни структури блиски до актуелната опозиција, како и од поранешни политичари. Од ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно повикаа Пендаровски да каже кои се тие лица.

„Пендаровски да престане да се користи со флоскули и со титули, туку јасно да излезе во јавноста кој тоа се консултирал со него за амнестија, во спротивно ќе го сметаме за уште една пласирана лага од него. За жал претседател на државата е фикус на власта и претседател лажго“, рече Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ нема конкретен одговор дали го делат ставот со партиите од албанската опозиција, дека постои политички пазар за измените на Кривичниот законик, а за возврат Никола Груевски да се врати во земјава. Според опозициската партија, измените на Кривичниот законик се за амнестија на власта и обид актуелните функционери да се спасат од одговорност.

Од СДСМ се категорични дека не прават пазар за нечија амнестија. Напротив, тие велат дека секогаш кога требало да се постигне одреден компромис со ВМРО-ДПМНЕ, како што е на пример за Законот за јавно обвинителство, токму опозициската партија на маса поставувала конкретни судски предмети.

„Секогаш тие отворале судски случаи коишто сакале да се дискутираат. Ние тоа го немаме прифатено и нема да прифатиме ниту во иднина. Затоа и не успеавме да се договориме со ДПМНЕ во 2020 година, затоа што доаѓаа на преговорите со судски предмети, но ние не прифаќаме. Нема пазар за било каква амнестија, ниту пак со било кого пазар околу правдата и судските случаи“, рече Богданка Кузеска – портпарол на СДСМ.

Инаку, според анализите на дел од невладините организации, Груевски со измените на Кривичниот законик би се спасил од повеќе дела, како што се „Траекторија“, „Космос“, „Титаник“ и „Талир“. Премиерот Димитар Ковачевски претходно кажа дека измените не се правени наменски за некого или за нешто, тие се веќе во сила и ништо драматично не се случило.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button