ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕГИОН

Во Бугарија седница на Советот за безбедност, се дебатира за Македонија

Повеќе од два часа бугарскиот државен врв ги утврдува позициите на Софија во пресрет на посетата на премиерот Кирил Петков на Скопје. Пред седницата на Консултативниот совет за национална сигурност, кој го свика бугарскиот претседател Румен Радев, дел од учесниците истакнаа дека се очекува да излезат со заеднички став.

Радев го свика Советот уште минатиот месец, за, како што нагласи, Бугарија да продолжи да води отворен дијалог со Македонија, но и да ги гарантира правата на Бугарите во земјата. Претседателот го поздрави новиот пристап кон разговорите што го предложи премиерот Петков, но познавачите велат дека значителна промена нема да има. Бугарскиот историчар Наум Кајчев, кој е дел од Мешовитата комисија не очекува значителен исчекор од црвените линии.

„Промена треба да има, но оваа промена треба да дојде од страна на Република Северна Македонија. Всушност, очекувањето е едно и е многу елементарно – да се исполнува Договорот кој го потпишавме во 2017 година, кој за жал не се спроведува од нашите соседи, воедно и за работата на Мешовитата историска комисија“, рече Кајчев.

Додека во зградата на претседателството заседава Советот, десетина десничари од партијата ВМРО-БНД излегоа на протест, најавувајќи дека и при најмала промена во бугарските ставови кон Македонија, овој пат нема да фрлаат со јајца, туку со камења.

Сепак, дали ќе има напредок со новиот пристап на Петков, ќе стане појасно од неговата средба со Димитар Ковачевски, закажана за вторник идната недела. Во меѓувреме, официјален Париз, кој претседава со ЕУ е оптимист за деблокирање на процесот.

„Сега со новата бугарска влада се чини дека има пат кој може да биде дефиниран. Самата влада рече дека ќе треба неколку месеци, мораме да се впишеме во оваа рамка, но истовремено владата отвори перспектива и таа може да остави надеж дека се можни резултати пред крајот на ова полугодие…“, истакнал за агенцијата МИА висок француски дипломат.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button