СВЕТ

Во Франкфурт слета првиот авион со луѓе евакуирани од Авганистан

Во Германија изутринава пристигна првиот авион со 130 луѓе евакуирани од Авганистан. Уште голем број луѓе евакуирани од Кабул чекаат во Ташкент, Узбекистан.

Авионот А400М на германскиот Бундесвер го почна воздушниот мост на спасување Германци и Авганистанци во вторникот (17.08) и веќе апсолвираше неколку летови до Ташкент, Узбекистан. Оттаму дел од евакуираните луѓе беа префрлени во Германија со Ербас А340 на Луфтханза. Авионот слета во Фрнакфурт рано изутринава, пишува DW.

Во меѓувреме, во Ташкент слета третиот авион на Бундесверот, кој од Авганистан пренесол 139 луѓе, соопшти германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас. Луѓето оттаму во текот на наредните часови треба со авиони на Луфтханза да бидат префрлени во Германија.

Германската авиокомпанија, во договор со германската влада, ќе апсолвира и летови за евакуација од Доха во Катар, а можеби и од другите држави кои се до Авганистан, соопшти портпарол на Луфтханза. За наредните денови се планира неопределен број на летови.

Министерот Мас изјави дека уште еден транспортен авион на Бундесверот е подготвен за евакуација од Кабул. „Во моментов аеродромот е затворен, а штом ќе се отвори, ќе продолжиме“, рече Мас.

Командата на Бундесверот задолжена за евакуацијата соопшти дека на аеродромот во Кабул во моментов не полетуваат авиони поради тоа што на располагање нема противпожарна служба на аеродромот. Инаку, аеродромот во меѓувреме е под контрола на американската армија. Американските војници се задолжени за безбедноста на аеродромот и за координирање на акциите за евакуација.

Многу земји, меѓу нив и Германија, се обидуваат да ги извлечат своите граѓани што е можно побрзо од Авганистан. Се извлекуваат и Авганистанци кои работеле за безбедносните сили на други држави или за меѓународни организации и кои сега стравуваат од одмазднички акции на талибанците./DW

(Foto: Thilo Schmuelgen /REUTERS)

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button