Во Германија е воведен закон што дозволува еднаш годишно да се менуваат полот и името
Во Германија од вчера стапи во сила Законот за самоопределување кој им овозможува на граѓаните еднаш годишно, со давање изјава во матичната служба, да го променат името и полот во женско, машко или различно, што е опција за третиот пол кој веќе постои според германскиот закон.
Тоа им олеснува на трансродовите, интерсексуалните и небинарните лица да го менуваат полот во официјалните документи. Законот беше изгласан во април од коалицијата на левиот центар, по многубројни дискусии и силно противење од десничарските и конзервативните партии.
На малолетниците над 14 години им е потребна согласност од родителите или старателите за промена на името и полот. Во случај на деца под 14 години, родителите треба да поднесат изјава до матичната служба.
Во рок од 12 месеци од одобрувањето на барањето не може да се изврши понатамошна промена или враќање на претходниот пол.
„Со спроведувањето на Законот за самоопределување, едноставната промена на полот и името конечно стана реалност“, рече германската министерка за семејства, стари лица, жени и млади Лиза Паус, член на Зелените.