Во гостиварска Симница годинава ниту едно прваче

Основното училиште „Исмаил Ќемали“ во гостиварското село Симница однадвор повеќе наликува на напуштен објект запуштен од општинските органи. Во дворот порано имало над 250 деца. Денес училиштето има само осум ученици.
Единствениот што го сретнавме беше Артан кој е деветто одделение.
„Сам сум, нема никој. Многу е лошо да си сам. Би сакал да имам пријатели. Има пет наставници, некои доаѓаат, некои не. Ги учам лекциите што ми ги даваат. На физичко сите излегуваме, играме фудбал, се собираме како група. Некои се иселија, некои во град, нема деца. Имав другар до осмо одделение, но од осмо немам соученик веќе две години“, вели Артан.
Наставникот на Артан, кој е и одговорен за училиштето, вели дека некогаш тоа било преполно со ученици, но иселувањето во градовите и во странство полека го испразниле.
„Ова училиште моментално има осум ученици, четворица од одделенска настава и четворица од од шесто до деветто одделение. Овде каде што сме е шестто одделение и има само еден ученик, а со еден ученик е многу тешко да се работи 40 минути… Немаме првачиња, нема пријавено годинава, дури ни во четврто и седмо одделение немаме ученици“, рече Премтим Љумани, наставник.
Во селото намален е и бројот на жители. Оние кои останаа велат дека тоа е резултат на негрижата на институциите. Симница нема организиран превоз, нема ниту продавница за намирници. Иако се наоѓа на десетина километри од Гостивар, нема редовен превоз, па не може ниту да се работи во градот. Многумина заминале на Запад.
„По војната имавме надеж дека работите ќе се подобрат, но ништо не се случи. И јас бев иселеник како и многу други. По војната, како јас и многу други, мислевме дека иселениците ќе се вратат. Но, не се вратија, напротив секој ден заминуваа уште повеќе. Останати се 30-35 куќи и тоа со старци. Овде не може да се обезбеди егзистенција, нема работа, за жал секој ден младите си заминуваат затоа што тука не гледаат иднина“, велат жителите.
Симничани бараат од челниците на институциите да им ги овозможат основните услови како превоз до градот, амбуланта и услови за работа за да можат да преживеат. Велат дека не им требаат посети на челниците од општината и Владата само пред избори.
Башким Сулејмани