Доколку Емануел Макрон одлучи да поднесе оставка, ќе се воведе институционална процедура што ќе доведе до нови претседателски избори… без нужно да се реши сегашната ќор-сокак ситуација, за која највиновен е Макрон. Тој сакаше да владее ни десно, ни лево, туку во средината, црпејќи од кадрите на неоголистите, центарот и социјалистите за важните места во Владата. Макрон успеа само да го сруши биполарниот политички систем, зајакнувајќи ги екстремистите од десницата и радикалната левица, отворајќи им булевар на крајнодесничарскиот Национален собир и на Марин Ле Пен, известува од Франција репортерот Тони Гламчевски за Нова Македонија.
Со објавувањето во интервју за „Ле поинт“ во вторникот вечер дека е кандидат „на следните“ претседателски избори – а не на оние од 2027 година – поранешниот премиер и претседател на Хоризонти, Едуар Филип, ја нафрла идејата дека може да има предвремени претседателски избори. За да се случи ова, Емануел Макрон ќе треба да биде разрешен – што веројатно нема да се случи – или ќе треба да одлучи да поднесе оставка, како што направи генералот Де Гол на 28 април 1969 година, откако го загуби својот уставен референдум.
Претседателот на француската република може да одлучи да поднесе оставка за време на мандатот, без да има потреба од оправдување. Постапката е предвидена во членот 7 од Уставот.
Извор: Нова Македонија