Во Кривичен сведочеше тетката на убиената Вања Ѓорчевска
Во Основен кривичен суд Скопје, во врска со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска сведочеше тетката на Вања. Таа зборуваше за потрагата по нејзината внука.
Сведокот Маја Спироска на денешното рочиште, на прашања од обвинителката Жаклина Лазаревска, рече дека дента кога дознале дека Вања исчезнала со пријатели самоиницијативно прошетале по кафулиња во потрага по информација.
-Од вторникот веќе секој ден бев присутна, до неделата и понатака. Сите бевме во паника, сите ја баравме Вања. Имаше колешки од кај Зорица од работа, инспектори, Сашко, внукот мој јас кога си одев тој доаѓаше навечер. Ја баравме, пробувавме да гледаме некои видео снимки, рече таа.
Појасни дека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, заедно со неговиот пријател Гоце, кој таа не го познавала, ги гледале снимките, при што, како што рече, во еден момент го откриле Цитроенот.
– Сашко ги донесе снимките, ги гледаше, во соба на компјутер. Во првиот момент беше сам, подоцна дојде Гоце, јас не го познавам кој е. Со него после излагаа, наоѓаа снимки, гледаа. Гоце во еден момент го откри Цитроен возило, среда или четврток. Рече мислам дека имаме некаква трага, можно е. Мислеше дека самиот човек дошол ја земал и ја однел, појасни таа.
Тетката на Вања денеска рече дека им било чудно зошто детето некој организирано би го земал. Рече дека Александар ја утешувал мајката Зорица со зборовите „не се секирај, ќе ја најдеме“.
На прашањето дали Александар во тој период побарал нешто од неа, таа одговори дека ѝ рекол да прати порака на Илон Маск.
-Едно време ми викаше дека треба да пратам порака на Илон Маск за да ја најде по сателит, рече таа.