
Кошаркарите на МЗТ Скопје во плеј-офот на Првата македонска лига влегоа од водечката позиција во регуларниот дел. Ривалите имаат високи амбиции, ТФТ и Работнички се покажаа на ниво во досегашниот тек на сезоната, а не смее да се потцени ниту Пелистер.
Сепак, во пресрет на плеј-офот веќе стана навика фаворитската улога да ја има МЗТ Скопје. Аеродромци доминираат во мак-кошарката, Купот веќе го освоија на убедлив начин и имаат за цел да ги обединат трофеите.
Во плеј-офот МЗТ како најдобропласиран ќе одигра серија со предност на домашен паркет против Феникс 2010 кој беше осмопласиран. ТФТ од второто место налета на Чаир 2030, Куманово го чекаат дуели со Кожув, а веројатно најинтересно ќе биде во серијата на Работнички и Пелистер.
Сите четири четвртфиналиња стартуваат денес. Само Работнички и Пелистер ќе играат во 16:30 часот, додека останатите три меча се од 19:00.