ВЕСТИРЕГИОН

Во Тирана самит на ЕУ и Западен Балкан

Со национални песни и ора, но и оперети и модерен танц, албанскиот премиер Еди Рама во Тирана го пречека државниот врв од земјите-членки на Унијата и земјите од Западен Балкан. За првпат самитот ЕУ-Западен Балкан се одржува во држава од регионот.

„Мислам дека ова е многу важна порака за свесноста на Европската унија дека ѝ е потребен Западен Балкан исто колку што на Западен Балкан ѝ е потребна Европската унија. Тоа е навистина значајно“, рече Рама.

На Самитот, Брисел ја повтори недвосмислената поддршка за евро-перспективата на регионот. Во фокус беа темите за нелегалната миграција, безбедноста во контекст на војната во Украина, како и отпорноста на општествата од влијанието на Русија и Кина. Челниците на Унијата повторија дека иднината на регионот е во ЕУ, а воедно најавија и значајна финансиска помош за енергетска независност.

„Ние за тука подготвивме пакет од 500 милиони евра, што е одраз на тоа што го прави ЕУ во поглед на Западен Балкан и секоја од земјите може да го искористи за помош на домаќинствата и бизнисите во овие тешки времиња, а имаме и други 500 милиони евра за енергетска независност, за градење интерконектори и фотоволтаици“, рече Урсула фон дер Лајен – претседател на Европска комисија.

„Апсолутно сум уверен дека иднината на нашите деца ќе биде побезбедна и попросперитетна со Западен Балкан во Европската унија и ние работиме напорно за да направиме прогрес. Денеска на пример, потпишуваме договор за роамингот“, рече Шарл Мишел – претседател на Европски совет.

Со договорот се очекува намалување на цените на роамингот со земјите од Унијата од први октомври наредната година. На потпишувањето присуствуваше и премиерот Димитар Ковачевски, кој ја предводи делегацијата од Македонија. Од Владата соопштија дека Европската унија ќе дава поддршка за сите предизвици поврзани со енергетската криза во земјите од Западен Балкан.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button