ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Водата во Струга денеска уште поматна, општината ги обвинува малите хидроцентрали

Втор ден водата од градскиот водовод во Струга е забранета за пиење, поради зголемена матност која се појавува при секој пообилен дожд. Според Центарот за јавно здравје, матноста на водата денеска во однос на вчера е зголемена. Ако нормалните вредност се до 1,5 тие денеска изнесуваат 2,56 и 2,67. Локалната власт вината ја лоцира во малите хидроцентрали кај селото Горна Белица.

„Потребно е да се постават вентили за да се блокира едната каптажа која произведува струја, кога има поголеми врнежи. Се договараме со компанијата која стопанисува со нив, проблемот да се реши“, вели Дашмир Насуфи, Директор на ЈП Водовод и канализација-Струга.

Најголема матност е регистрирана кај Детската градинка Сонце и кај Заводот за нефрологија каде доаѓаат и пациенти за дијализа.

„…Редовно апелираме, но не зависи само од нас. Веројатно треба поголемо реновирање или инвестиција, ова еднаш се среди“, вели Ацо Попоски-директор на Завод за нефрологија Струга.

Граѓаните бараат наместо само да слушаат ветувања, да се пристапи кон реално решавање на проблемот.

„Проблемот е одамна, не е од сега. Проблемот е во тоа што водата од Горна Белица не се филтрира, туку се пушта директно во резервоарите, а секој дожд предизвикува неквалитетна вода. Кој е виновен, нека бара решение…“

„Водата се мати, но не знам зошто. Треба општината да се интересира или кој е компетентен за таа работа. Јас сум од Горно Татеши. Земаме вода од Шум и таму се мати…“

„Никој ништо не работи ни во општина, ни во државата. Ниту цевките азбестни не се променети. А, тие пукаат. Остарени се како мене…“, реагираат граѓаните.

Ова е втор пат за само два месеца водата која стружани ја добиваат да биде забранета не само за пиење, туку и за одржување на лична хигиена. Истото се случи кон крајот од октомври. Од Центарот за јавно здравје во Охрид сметаат дека квалитетот на водата мора постојано да се контролира. Утре повторно ќе бидат земени примероци за анализа.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button