Втор ден бојкот на наставата во струшко Подгорци

Дел од учениците во Основното училиште „Гоце Делчев“ во струшко Подгорци втор ден не посетуваат настава. Станува збор за околу 100 ученици, од вкупно 270. Нивните родители се незадоволни од одлуката на Министерката за образование која назначила директор, кој велат дека не бил во согласност со нивните барања. Бараат да биде назначен кандидатот на Училишниот одбор.
„Првиот сум што излегов на бојкот на настава со моите деца и ми се приклучија најмалку 80-100. Бојкотот на настава ќе биде се поголем и поголем. Додека Министерството за образование не ги реши проблемите со Подгорци. Ова не е мал проблем. Ова е голем проблем што го наметнуваат за Подгорци. Со закон училишниот одбор има предложено директор со целата документација и се уште немаме никаков одговор, а од тогаш имаме двајца в.д директори кои непрописно се ставени од страна на министерката“, рече Самир Муртезоски, родител.
Пред неколку дена, министерката Весна Јаневска за в.д директор го назначи Горан Наумоски. Тој го замени претходниот в.д директор, кој исто така беше именуван од нејзина страна во октомври минатата година, кога на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко му беа одземени ингеренциите за ова училиште.
„Нема да дозволиме нашите училишта да станат жртва на лични интереси и политички непотизам“, изјави Мерлин Ајдароски, претседател на Училишен одбор.
Од ДУИ велат дека назначувањето на Горан Наумоски за директор е отворена провокација кон Албанците во селото и обид да се тестира трпението и чувствителноста на граѓаните, создавајќи вештачки тензии. Го повикуваат МОН да ја повлече оваа одлука.
„Назначувањето на личност позната по националистичките ставови и по својата исклучителна реторика е јасна порака дека оваа власт не ја почитува волјата на граѓаните и дека е подготвена да го користи образованието како алатка за политички калкулации“, велат од ДУИ.
Од Министерството за образование велат дека изборот на директор не се врши по волја на партиски структури или пак, на група луѓе.
„Постапката е уредена во закон и сега кога веќе е надмината ситуацијата што претходно постоеше поради влијание на политиката, настава мора да има и учениците да бидат присутни на истата“, велат од Министерството за образование.
Од МОН велат дека секое неоправдано отсуство, ќе иницира други последици, пред се во знаењето на учениците.
Мики Трајковски