ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

За португалската министерка за Европа македонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот

Министерката на Португалија за Европа, Ана Поула Закаријаш, во разговор со новинари во Лисабон, изрази надеж дека изборите во јули во Бугарија ќе донесат решение за ветото за започнување на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија, пренесува Бугарското национално радио (БНР).

Министерката Закаријаш, чија земја на 1 јули ќе го предаде ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ, очекува дека Словенија, како претседавач во наредните шест месеци и како земја од регионот, ќе помогне да се најде решение за проблемот со С Македонија. Но, според она што го пренесува БНР, таа истакнала дека позицијата на Бугарија мора да се почитува и нагласила дека не треба да се внесуваат несогласувања во ЕУ.

Закаријаш ја опишала дебатата меѓу двете земји како „тешка“ и истакнала:

„Ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија. Таа е поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и со идната соработка. Во моментов, тие работат на нешто што се нарекува патоказ, што ќе им помогне да соработуваат и Бугарија ќе добие гаранции дека кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ работите ќе се одвиваат непречено. Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција – сетете се дека земјата си го смени името. Но, тоа е многу тешко, бидејќи е исто така поврзано со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји. Во Бугарија ќе има нови избори на 11 јули и мислам дека бугарските власти ги чекаат резултатите пред да одлучат како да постапат“.

Министерката Закаријаш рекла дека ова е „важен момент“ за да не се внесат несогласувањата меѓу двете земји во ЕУ.

„Ние мора да ја почитуваме бугарската позиција и тоа го сторивме. И важно е да не се внесат несогласувања или проблеми меѓу двете земји во ЕУ. Ние сакаме тие да бидат решени пред некоја земја да влезе во Европската Унија. Мораше да ѝ дадеме време на Бугарија да го реши ова со Северна Македонија пред да ја свикаме меѓувладината конференција“, изјавила португалската министерка.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button