ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

За пожарот во Тетово има елементи за кривично гонење

Предистрагата за избувнувањето на пожарот во ковид модуларната болница во Тетово покажува елементи на кривично гонење, дознава Алсат од свои извори во Обвинителството. Оваа информација од Обвинителството официјално не ја потврдуваат. Според инфомации на Алсат, најголемиот дел од собраните докази се веќе анализирани и треба да се презентираат пред Комисија во Јавното обвинителство, која треба да одлучи каков правен епилог ќе има пожарот во модуларната болница.

„Јавните обвинители, по целосно утврдување на фактите во предметот, ќе донесат одлука за која јавноста веднаш ќе биде известена“, наведуваат од Јавното обвинителство.

Петтемина обвинители од Тетово и од Скопје доказите за случајот ќе ги презентираат пред четворица виши јавни обвинители, како и пред шефот на обвинителството, Љубомир Јовески. Комисијата може на обвинителите да им наложи да се отвори истражна постапка, да се доистражат одредени дејствија, но може да предложат и случајот да се затвори.

Обвинителската Комисија ќе внимава на правната квалификација со оглед на тоа што досега ниту еден истражен орган во земјава не посочи дека некој е виновен за пожарот. Алсат веќе објави дека извештајот на германските експерти покажал идентични наводи како оној на крим – техника при МВР. Тоа значи дека причина за пожарот бил прегреан продолжен кабел.

Лани ноќта на 8 септември загинаа 14 лица, од кои 12 ковид-пациенти. Тогашните први луѓе во Министерството за здравство, Венко Филипче и Илир Хасани понудија оставки, но тогашниот премиер Заев, не им ги прифати. Двајцата директори на Клиниката во Тетово беа заменети со други кон крајот на минатата година.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button