По есенската, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави дека во следниот период ќе има и божиќна, рамазанска и велигденска кошничка. Кошничките, како што рече, ќе имаат различен состав на производи, во зависност што се троши најмногу во конкретниот период, во договор со производителите и трговците.
За разлика од есенската кошничка, која траеше околу месец и половина, празничните кошнички што ги најавува Дурмиши, а треба да ги намалат цените на производите, ќе траат од 15 до максимум 30 дена.
„Оваа мерка ќе ја креираме да биде во интерес на сите и да биде лесно применлива. Каков модел ќе одбереме ќе зависи од предлозите кои ќе ги добиеме, а секако треба да земеме во предвид дека во маркетите за време на празниците имаат попусти и акции на одредени производи, па ќе видиме како тие ќе можат да се вклучат во наредните кошници. Она што е важно да кажам е дека оваа мерка, односно кошничка нема да трае повеќе од еден месец. Односно предвидени се со пократок рок на траење од 15 до максимум 30 дена“, изјави министерот Дурмиши на денешната прес-конференција.