ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

За власта Собранието функционира и покрај опозициската блокада, ВМРО-ДПМНЕ најавува „следни чекори“

 Собранието функционира и покрај бојкотот на дел од опозицијата, децидна е власта во врска со „активната блокада“ што ВМРО-ДПМНЕ почна да ја спроведува неделава во Парламентот. Од опозицијата, пак, тврдат дека блокадата нема да биде само инстант акција и најавуваат преземање на следните чекори кон нивната конечна цел – утврдување датум за предвремени парламентарни избори.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера во Прилеп оцени дека и покрај бојкотот и блокадите на ВМРО-ДПМНЕ, Собранието функционира, потсетувајќи дека на собраниската седница во четвртокот беше усвоен дневниот ред, а во петокот на собраниска Комисија беа утврдени кандидати за нови судии во Уставниот суд.

Според него, несериозно е да се бојкотира Собранието во услови на најголема светска енергетска криза и ги повика сите пратениците да покажат одговорност.

– Во такви услови, секоја политичка партија треба да биде одговорна и да го даде максимумот за да се носат закони кои го олеснуваат секојдневниот живот на граѓаните. Не постојат закони кои не влијаат на општествените процеси во позитивна смисла и не може Собранието да се смета за супермаркет каде некој ќе одлучува кој закон ќе помине, а кој нема да помине, потенцираше Ковачевски.

Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера од Скопје порача дека сегашната опозициска блокада во Собранието е „стратегија што ќе трае“ и нема да биде само „инстант акција“, најавувајќи дека утре ќе се одржи седница на партискиот Извршен комитет, на која ќе се разговара за следните чекори што ќе ги преземе партијата.

– Во понеделник, ќе имаме седница на Извршниот комитет и ќе отвориме дискусија за вториот и за третиот чекор. Ова е стратегија што многу ќе трае. Нема да биде инстант акција која што ќе заврши денеска или утре, изјави вчера Мицкоски при посетата на Општина Кисела Вода.

Тој рече дека остануваат на ставот да ги блокираат сите закони кои ВМРО-ДПМНЕ ги смета за штетни, но оти нема да бидат блокирани оние законски решенија кои се од интерес на граѓаните.

– Се што не е од интерес за граѓаните, ние ќе го блокираме во Парламентот, како прв чекор, додаде Мицкоски.

Меѓутоа, премиерот Ковачевски ги оквалификува како неточни тврдењата на опозицијата дека нема да блокира носење закони што се во интерес на граѓаните, посочувајќи ги како пример предложените измени на законот со кои треба да се овозможи исплата на субвенции за тутунарите.

– Средствата се обезбедени во Буџетот. Секоја година се прави измена во Законот. Тоа е техничка измена која Собранието веднаш ја одобрува. Во овој момент, на дневен ред на Комисијата за земјоделство, која ја води пратеник од опозицијата, тој закон не се става на седница. И оттука може да се види дека опозицијата нема никаква намера да не блокира закони коишто значат подобар живот на граѓаните, рече Ковачевски.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на останатите партии членки на коалицијата „За обнова на Македонија“ од вторникот ја започнаа најавената „активна блокада“ на Собранието, за која тврдат дека ќе трае се до постигнување договор за датум за предвремени парламентарни избори.

Одлуката за блокада на работата на Собранието беше донесена на седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на 4 мај и како што тогаш образложи потпретседателот на партијата Александар Николовски, таа подразбира „блокада на сите штетни законски решенија и прописи што доаѓаат од Владата“.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button