ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Заев: Европа е нашето семејство и очекуваме да не прифати

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска зеде учество на лидерскиот панел на Бледскиот стратегиски форум посветен на темата „Иднината на Европа – Проширувањето“.

На панелот, на кој зедоа учество премиерот на Словенија Јанез Јанша, членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, премиерот на Полска Матеуш Моравјецки, премиерот на Косово Албин Курти, премиерот на Албанија Еди Рама, претседателот на Бугарија Румен Радев и Кристијан Шмит како специјален претставник за Босна и Херцеговина, беше споделена согласност дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е придобивка и за Европа и за регионот.

Премиерот Заев во дебатата на панелот истакна дека Европа е нашето семејство и очекувано е семејството да ја прифати Северна Македонија која е во срцето на континентот.

„За нас ЕУ нема алтернатива. Ситуацијата на Северна Македонија е како кога некој сака да биде прифатен од некое семејство на кое отсекогаш му припаѓа, а Европа е нашето единствено семејство. Ние ќе продолжиме понатаму да ја оствариме нашата определба да станеме следна членка на ЕУ за која што нема алтернатива“, потенцираше премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев потсети дека нашата земја е веќе 16,5 години земја кандидат и земја која го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година веднаш после Словенија, а пред Република Хрватска.

„Ги спроведовме сите реформи предвидени во пристапната фаза за членство во ЕУ, како и сите критериуми утврдени согласни процедурите за проширување на Брисел. Имаме 12 препораки и конечна препорака на Европската комисија со Европскиот совет дека земјата може да ги почне преговорите за членство со организација на првата меѓувладина конференција. Имаме одлични односи со соседите и ги надминавме отворените прашања со што ни се отворија вратите за да бидеме 30-та членка на НАТО. Имаме функционално мултиетничко општество кое ги доби сите признанија и се препознава како модел и пример за другите, и се надевам дека конечно ќе ги започнеме преговорите по поглавјата за членство во ЕУ“, нагласи премиерот Заев на лидерскиот панел „Иднината на Европа – Проширувањето“ на Бледскиот стратегиски форум во Словенија.

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button