ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Заев ги „амнестираше“ Вељаноски, Јанакиески и Ристовски од вина во „27 април“

Поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски, екс-министрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, според Заев, не биле нарачатели на крвавиот „27 април“. Нив ги изманипулирал, како што рече, главниот организатор Никола Груевски. Во судот денеска се одржа рочиште за упадот во Парламентот каде свој исказ даваше Заев како сведок повикан од одбраната.

„Информираноста како шеф на најголемата политичка партија во државата апсолутно ме става на моја одговорност да го кажам тоа што се случувало на 27 април. За едно вакво сериозно обвинение да се води вака, мислам дека не е коректно за правниот систем, ниту за граѓаните“, рече Заев.

Иако не е судска пракса Заев ова го кажа во судница по негово барање со дозвола од судијата Илија Трпков кој го праша Заев што има да додаде. Судијата потоа не ѝ дозволи на обвинителката Вилма Русковска да реагира. На излегување таа сепак не кажа дали Заев се меша во судската работа.

„Премиерот денеска беше повикан во својство на сведок. Не беше викнат во својство на вешто лице да дава свое мислење. Тој не понуди никакви докази дека овие луѓе не се едни од организаторите. Апсолутно не се сложувам со изјавата дека биле изманипулирани“, рече Русковска.

Денешното сведочење на Заев е добра вест за адвокатите на обвинетите.

„И ние бевме изненадени од неговиот исказ, но сепак, искреноста е добредојдена“, рече адвокатот Еленко Миланов.

За упадот во Парламентот нема судење за Груевски бидејќи избега од државата. Судењето ќе продолжи идната среда со други сведоци на одбраната бидејќи денеска рочиштето беше прекинато откако Спиро Ристовски доби покачена температура.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button