ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Заев ги брани искажаните ставови за Бугарија, Пендаровски со дилема дали државниот врв настапува единствено?

Премиерот Заев денеска вели: Вчерашните ставови искажани во интервјуто ги дал за да се деблокира евроинтеграцијата на земјата. Тој и денеска продолжи да тврди дека и македонскиот и бугарскиот јазик потекнуваат од заедничка историја, а продолжи и да ја објаснува тезата дека фашизмот нема етничка припадност и оти поради иднината, раката на помирување мора да биде подадена.

А, освен реакцијата на граѓаните, денеска коментираше и претседателот Пендаровски. Откако вчера не сакаше да спомене ништо во врска со ставовите на Заев, денеска му одговори дека има доволно искуство да ги мери зборовите. Шефот на државата нагласи дека спорот со Бугарија може да се реши само со почитување на достоинството на двата народа. „Антифашистичката војна е темелот на современата македонска држава, во која се боревме против оние кои беа на страната на фашизмот“, рече Пендаровски за DW.

„Го погледав интервјуто на премиерот и ги прочитав реакциите во македонската јавност и во дел од коментарите, за жал, беше присутна дилемата дали државниот врв настапува единствено во однос на ова витално национално прашање. За решавање на спорови со стратешка тежина се потребни два предуслова: да постои политичка волја што понекогаш подразбира и политичка храброст да дојдете до консензус кој никогаш не ви го зголемува рејтингот и второ – да се држите до историските факти кои се меѓународно верификувани и до политичката реалност која е очигледна“, вели Пендаровски.

Реагираше и вицепремиерот Никола Димитров. Според него, идејата на Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година била историјата да им се остави на историчарите, билатералните прашања да се решаваат билатерално без да станат пречка на патот кон ЕУ.

„Македонскиот јазик и самоопределувањето не можат да бидат пречка за интеграција во Унијата која ги почитува разликите, ниту може да биде пречка за вистинското пријателство бидејќи се заснова на меѓусебно почитување. Ова е бесмртниот ‘вирус’ на идеали против кој залудно се бара ‘вакцина’“, вели Димитров.

Анеса Салиу

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button