ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Заев негираше дека постои притисок од НАТО или ЕУ какви вакцини смее да се купат

Владата ангажираше посредници за набавка на вакцини преку платформата Ковакс. Одобрен е анекс на Договорот склучен на 19 ноември лани со кој се обврзува Глобалното здружение за вакцини „ГАВИ“ одобрените вакцини да ги обезбеди со приоритет. Во меѓувреме, премиерот Заев негира дипломатски притисок од стратешките партнери за набавка на вакцини од трети земји. Но, вели – не може да нарачува од сите производители одеднаш.

Според Министерството за здравство, над 450 здравствени работници се вакцинирани во првите два дена и според оваа динамика, вакцините Фајзер донирани од Србија, ќе бидат потрошени за 20 дена. Иако министерот за здравство Венко Филипче најавуваше дека првата доза ќе биде употребена за 10 дена, вакциналните пунктови не работат со полн капацитет за да не се запрел процесот на имунизација до доаѓањето на кинеските вакцини. Од Пекинг најавија дека вакцините ќе пристигнат оваа недела, но рокот беше одложен за крајот на месецов.

„Од 833 илјади дози нарачани преку платформата Ковакс, првиот контингент се очекува да пристигне во март од фармацевтската компанија АстраЗенека. За Северна Македонија се очекуваат меѓу 103.200 и 175.200 дози од овој вид вакцини од кои 35% треба да стигнат во првиот квартал, а остатокот во вториот квартал од оваа година. Фајзер преку Ковакс во првиот контингент ќе испрати вакцини во само 18 земји кои сè уште не ги започнале своите програми за вакцинација против Ковид“, наведуваат од министерството за здравство.

Во меѓувреме, преку интернет платформата ‘вакцинација.мк’, се пријавиле 58.500 граѓани. Паралелно со тоа тече и пријавувањето интерес преку матичните лекари на платформата „Мој термин“ каде досега има над 32.900 други граѓани на возраст над 70 години. Тие треба да бидат вакцинирани како загрозена категорија веднаш по завршувањето на здравствените работници. Нема рокови, но целиот процес на создавање колективен имунитет преку вакцини ќе заврши до крајот на 2022 година.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button