ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Заев: Никогаш не сум посочил дека друго лице е виновно за „Монструм“

Од невини луѓе, до нови докази со болна вистина за случајот „Монструм“. Сето ова за Заев било лично мислење врз основа на тоа што го видел во доказите за „Монструм“, односно прислушуваните разговори и СМС пораки кои беа дел од „бомбите“. Премиерот денеска тврдеше дека не знаел кој стои зад петкратното убиство кај Смилковското езеро.

„Никогаш не сум спомнал друго лице да посочам директно јас дека е виновно. Сум давал коментари, свои задршки, резерви за тоа што било соопштено во јавноста преку читање на тогаш пресуди кои беа достапни, се сеќавам на 183 страни тоа што сум го видел во материјалите секогаш сум давал одговор транспарентно и на вашите новинарски прашања тоа што сум го мислел, но секогаш сум кажувал дека последниот збор е на правосудството, тие ќе го кажат тоа што го имаат“, рече Заев.

Ветувањата на Заев за расчистување на случајот „Монструм“ беа најгласни во времето кога тој беше во опозиција. „Невини луѓе лежат во затвор за Смилковското езеро“, ваква изјава пренесе Дојче Веле од Заев, дадена за германскиот весник „Ди Цајт“. Но, тој тогаш ретерираше.

„Најверојатно е грешка во интерпретацијата на самиот новинар, но секако, големи сомневања се врзани за овој случај. Тоа го објаснувам јас и во самото интервју и секако со обелодувањето на вистината за Смилковското езеро или проектот на Владата „Монструм“, како што го нарекоа со кривичната пријава, ќе обелодени болна вистина“, велеше Заев.

За случајот „Монструм“ пред три години почна одново судската постапка со одлука на Врховниот суд, поради пропусти во водењето на постапката. Се тврдеше дека прислушуваните разговори би можеле да го сменат текот на постапката. Но, за ова, обвинителството се изјасни дека „бомбите“ не откриле нови детали и обвинителката Фатиме Фетаи побара доживотни затворски казни за Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, како и максимални казни за Хаки и Фејзи Азири. За Сами Љута е повлечено обвинението. По завршните зборови на одбраната, кривичниот суд треба да донесе пресуда за случајот „Монструм“.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button