ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Заев: Сите се еднакви пред законот, без разлика кој со кого се дружел

Кој со кого сака нека е близок, ако некој прекршил закон ќе си одговара. Вака премиерот Зоран Заев го коментираше случајот со заплената на 200 килограми марихуана вредна околу 800.000 евра во прилепско, каде меѓу другите е уапсен и Александар Ушилковски, возач на Трајче Заев, братучедот на премиерот. Премиерот тврди дека возачот на комбето не е вработен во фирмите на Заеви.

„Ниту пак, комбето е во сопственост на семејните фирми на Заев, впрочем и има грчки регистерски таблички самото комбе и немам ништо ниту да додадам ниту да одземам. Навистина, Законот важи еднакво за сите. Александар можел да дружи со мојот прв братучед колку сака, законот важи еднакво за сите или некој началник на полиција можел да биде на слика, соработник на Заев, на Спасовски и со било кој, законот важи еднакво за сите“, рече премиерот Заев.

Од ВМРО ДПМНЕ бараат Заев да каже дали комбето во кое беше пронајдена марихуаната е во сопственост на фирма партнер со Заеви.

„Па никој не рече дека е во сопственост на Заеви. Ние прашавме и повторно прашуваме, дали комбето со грчки таблици е во сопственост на фирма која е во партнерски односи со фирми на Трајче и Бобан Заеви? Е на ова треба да одговори Трајче Заев“, рече Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од обвинителството не откриваат во чија сопственост е комбето.

„Со оглед на сензитивноста на предметот и тајноста на истрагата, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во моментов во интерес на постапката не може да сподели повеќе детали. Надлежниот обвинител ги презема сите неопходни дејствија за расчистување на случајот и за евентуално проширување на истражната постапка и врз други инволвирани лица“, велат од Обвинителството.

Меѓу шестмина притворени за шверц на дрога во акцијата на македонската полиција и американската ДЕА е и командирот на прилепската полиција Кире Спиркоски.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button