ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Заев тврди, власта го намалила загадувањето, НВО-а одговараат: Се потсмеваат со народот

На Светскиот ден на заштитата на животната средина властите и екологистите со дијаметрално спротивставени ставови околу нивото на аерозагадувањето во Македонија. Проектите на Владата, според премиерот Зоран Заев, дале резултат и се подигнала и свеста кај граѓаните.

„Оваа година не разговараме за загаден воздух во главниот град. Односно имаме огромно намалување на бројот на денови со надминати концентрации на ПМ честичките…“, изјави Зоран Заев, премиер.

Но, од здружението „Еко Герила“ велат дека е безобразно власта да се фали дека ја подобрила состојбата со загадувањето во земјава и ја потценуваат интелигенцијата на граѓаните.

„Реално од Липково до Струга нема ниту една општина каде нема дива депонија. Шар Планина е уништена од градење на хидроцентрали, непланско сечење на дрва, а од друга страна немаме ниту една фабрика со еколошки стандарди кои работат со филтри. Оваа власт дозволи уништување на сите зелени површини, градени се илјадници згради кои се изградени дел со дозвола, а дел без дозвола. И сега овие политики се само потсмевање со јавноста“, рече Ариант Џафери, Еко Герила.

„Еко свест“ пак, здружение кое е едно од најгласните и најактивните во борбата против загадениот воздух, апелира до властите итно да се формира Национален фонд животна средина.

„Креирање на фондот за животна средина преку системско собирање на еко-таксите на едно место ќе го обезбеди потребниот буџет за активностите и мерките за заштита на животната средина и природата и воедно ќе наметне поголема контрола на трошењето на парите…“, изјавуваат од Еко свест.

Експертите во текот на оваа година потенцираа дека минималното подобрување на состојбата со аерозагадувањето е тоа што пандемијата ја намали активноста во индустријата, но и сериозно големиот број на денови во зимскиот период во кој имаше ветер кој не дозволи смогот да се задржуваа во котлините.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button