ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Законот за бранителите блокиран во Собранието

Собраниската Комисија за социјална работа и демографија го блокираше Законот за бранителте со тоа што не го стави на дневен ред. Законот предложен од СДСМ предизвика бројни дебати во јавноста бидејќи предвидува парична помош до 82.000 евра. Првиот вицепремиер Изет Меџити од Вашингтон, каде што престојува во официјална посета, рече дека  Законот за бранители, предложен од СДСМ нема да помине. Според него, со овој закон ДУИ, СДСМ и ЛЕВИЦА ги здружиле силите за да ги реализираат најавите за дестабилизација.

„Законот на Славјанка и Блерим за бранители не помина. ДУИ преку СДСМ го внесува Законот за Бранители на дневен ред на Собранието. ДУИ преку СДСМ и Левица го напаѓа претседателот на Собранието Африм Гаши и бараат негово разрешување само затоа што е Албанец. ДУИ преку СДСМ сака да го укине албанскиот јазик како службен. Но не, сето тоа останува само неуспешен обид бидејќи ВЛЕН е гарант за правата на Албанците во оваа држава. Не можете да им наштетите на Албанците затоа што имаме храброст и моќ да ги заштитиме“, вели Меџити.

Арбен Таравари од ВЛЕН во интервјуто за Алсат изјави дека во наредниот период за ова прашање ќе разговараат со коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ. Но, услов е покрај за бранителите да има решение и за поранешните војници на ОВК.

„Ова што се случува денеска е навистина вознемирувачко и дефинитивно треба да седнеме како коалициски партнери и да разговараме. Ако бараме решение, мора да се најде решение и за поранешните војници на ОВК и за бранителите или овој проблем треба да се остави за подоцна да се реши. Но, тоа треба да биде взаемно и двострано, а не еднострано каде што некој од етничките групи што живее би се чувствувал навреден“, рече Таравари.

Од друга страна, опозициската ДУИ ја обвини коалицијата ВЛЕН дека ден претходно обезбедиле кворум за одобрување на дневниот ред, вклучително и за Законот за бранители.

„Пратениците губитници на Влен првично се изјаснија дека се против и ќе го спречат донесувањето на законот за бранители, ја напуштија седницата, додека по телефонскиот повик од нивните сопственици од ВМРО се вратија со свиткани опашки и обезбедија кворум за одобрување на дневниот ред, заедно со Законот за бранители“, велат од ДУИ.

Законот за бранителите и за членовите на нивните семејства до Собранието го поднесе Славјанка Петровска од СДСМ. Со него, на листата на финансиски бенефиции за поранешните безбедносни сили и членовите на нивните семејства се додава член, кој предвидува еднократен паричен надоместок по степен на инвалидитет до 82.000 евра по лице. Покрај бранителите од 2001 година, со законот ќе бидат обештетени и членовите на семејствата на загинатите или убиените припадници на македонските безбедносни сили од 1991 до 2024 година.

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button