ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Законот за легализација на дивоградбите се враќа во Собрание

Непотпишаниот закон за бесправно изградени објекти од претседателот Стево Пендаровски автоматски се врати во собраниска процедура. За законското решение овој пат нема да има дебата во матичните комисии туку директно ќе се најде на пленарна седница каде ќе може да се поднесуваат амандмани единствено на укажувањата кои се доставени од Пендаровски. Според деловникот законот треба да биде повторно разгледан од пратениците најдоцна до 11 јуни а доколку добие зелено светло од 61 пратеник претседателот овој пат ќе мора да го потпише Указот.

„Според член 173 од Деловникот на Собранието и членот 75 од Уставот претседателот на Собранието во рок од 30 дена од денот на усвојување ќе го стави законот за повторно разгледување“, се наведува од Собранието.

Премиерот Зоран Заев останува на ставот дека законот треба да се донесе со цел 50 илјади граѓани да не останат без домови, но сепак ја отвори можноста законот да подлежи на промени со оглед на реакциите во јавноста.

„Преку стручните тимови во Владата можеме дополнително да одиме чекор подетално во допрецизирање на легализацијата во националните паркови и заштитените подрачја и слично, иако законите тоа го определуваат и до сега“, рече Заев.

Од друга страна, од Алијанса за Албанците и Алтернатива велат дека нема да го променат мислењето за, како што велат, штетното законско решение.

„Законот треба да се донесе на повторно гласање, нашиот став нема да се смени бидејќи сметаме дека е мошне штетен закон кој ја амнестира урбаната мафија и како последица на ова нашите градови се претворени во бетонски џунгли. Знаеме дека такви закони паднале пред Уставен суд. Кои ќе бидат идните постапки од нашата коалиција ќе бидете запознаени навремено“, изјави  Сурија Рушити- пратеник од Алијанса за Албанците.

Законот предвидува легализација на дивоградби изградени до денот на стапување во сила на овој закон, нема рок на важење, односно ќе важи до правосилно завршување на постапките кои се почнати согласно законот. Од овој закон се исклучени само дивоградбите во Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во Списокот на УНЕСКО.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button