ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Законот за обвинителство пред Уставен, иницијаторите бараат да биде укинат

Законот за обвинителство кој Собранието го изгласа лани, ставен на дневен ред во Уставниот суд. Иницијативата за оценување на уставноста ја покренаа Тодор Петров претседател на Светскиот македонски конгрес, адвокат од Свети Николе и поранешниот министер за правда во владата на Никола Греувски, Михајло Маневски. Токму Маневски денеска посочи дека за Законот за обвинителство, мнозинството немало кворум, па Талат Џафери го поништил гласањето кога видел дека нема 80 гласови, па се прегласувало. Сето ова, вели Маневски е доволно за Уставен да го поништи Законот.

„Претседателот на Собранието нема никакво овластување да поништува гласање. Вие сите знаете дека на гласањето претседателот на Собранието кажа дека претресот е завршен и законот го става на гласање. И гласаат пратениците и претседателот. 10:09 Но, кога се појави 74 ‘за’ и 32 ‘против’, што значи Законот не го доби потребното мнозинство, тогаш претседателот на Собранието изјави дека го поништува гласањето…“, рече Михајло Маневски, поранешен министер за правда.

Но, Талат Џафери денеска пред уставните судии ја бранеше исправноста на гласањето. Им рече дека сè било законски.

Дополнително, доставувачот на иницијативата, Маневски, не се согласува обвинителството да може да истражува индиции за криминал врз основа на нелегално прислушуваните разговори, иако тие потоа не можат да бидат докази. Според него, на тој начин се дискриминираат оние за кои „бомбите“ беа доказ во судница.

Инаку, уставните судии денеска одржаа подготвителна седница за иницијативата за оценување на уставноста на законот, по што одлуката дали ќе се поведе постапка, треба да се одлучи дополнително. Лани против носењето на Законот за обвинителство беше ВМРО – ДПМНЕ со образложение дека е противуставен. Освен тоа, опозицијата побара прислушуваните разговори или да бидат доказ во сите постапки или воопшто да не бидат земани во предвид.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button