ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Замрзнување на цените – власта го брани, бизнисот го напаѓа

Цените замрзнуваат, но граѓаните не забележуваат голема разлика во потрошувачката кошничка. Надлежните велат дека со овие замрзнувања на некои прехранбени производи ги намалиле цените, а кај други спречиле нови поскапувања. Одговарајќи му на бизнис-секторот, од каде велат дека со последните мерки трпат штети, вицепремиерот Фатмир Битиќи рече дека нема да има дополнителни оптоварувања за фирмите освен данокот на солидарност кој мора да го платат околу 30 од 73 илјади активни фирми кои работат во земјава. Вицепремиерот најави дека замрзнувањата ќе продолжат и понатаму.

„Ако ги прашате граѓаните, сметам дека ќе одговорат за замрзнатите цени, ќе им користи затоа што ќе купуваат поевтино. Ако го прашате бизнис-секторот за намалување на профитот, тие ќе бидат против, така што секогаш има две спротивни страни. Тука сме да го заштитиме животниот стандард на граѓаните што во овој момент е најнеопходно“, рече Битиќи.

Замрзнувањето на цените е краткорочна мерка, велат од бизнис секторот. Претприемачот Џемали Даути рече дека државата треба повеќе да се фокусира на долгорочни стратегии, како што е укинување на царините за основните прехранбени производи, кои се увезуваат спакувани и суровините. Тој порача дека треба да се укинуваат непотребните маркички и сертификати за прехранбени производи и средства за хигиена за да се регулира слободниот пазар.

„Во земјава треба да се активираат инструменти во случај некоја компанија да се стави во доминантна позиција на пазарот, мора да интервенира Комисијата за заштита на конкуренцијата која има доволно овластување да ја конфискува добивката стекната на нелојален начин и да казни одредени компании, а не да се носат ад-хок мерки“, рече Џемали Даути, претприемач.

Од 1 април ќе се замрзнат цените и на четири други артикли. Овој пат на средства за хигиена. На ова претходеа одлуки за замрзнување на цената на лебот, млечните производи, тестенините, јајцата и оризот. Се очекува до крајот на неделава да има конкретни мерки за замрзнување и на цената на овошјето и зеленчукот. Што се однесува до месните производи, сè уште не се знае дали и тие ќе бидат вклучени во истите мерки. Надлежните се обидуваат потрошувачката кошничка за четиричлено семејство да изнесува колку две минимални плати.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button