Заврши судењето на Мерко за назначувањето директори на училишта, утре изрекување на пресудата

Со изведувањето на завршните зборови на преставниците на Основното јавно обвинителство и на застапникот на одбраната денеска пред Основниот суд во Струга заврши судскиот процес против градоначалникот Рамиз Мерко, кој е обвинет за незаконско назначување директори во основните училишта во селата Лабуништа, Радолишта и Подгорци.
Јавните обвинители Ванеса Бизати Билјали и Џемал Лога во завршните зборови посочија дека обвинетиот во својство на градоначалник несомнено во повеќе наврати постапил спротивно позитивните законски прописи и овластувања, со именување на функцијата вршител директор на лица кои не ги исполнувале условите. Мерко според нив, назначувал в.д. директори без одлука на училишните одбори, без објавен оглас, несовесно постапувал и при употребата на неговите дискрециони овластувања како градоначалник, со што бил нарушен, меѓу другото, и процесот на функционирање на образовните установи.
Застапникот на одбраната, адвокатот Игор Петковски, во завршниот збор истакна дека обвинителството во процесот не успеало да докаже вина на обвинетиот, односно „несовесно работење во службата“.