ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Завршува рокот за искористување на туристичките ваучери

Слабата реализација на ваучерите за годишен одмор кои граѓаните ги добија од државата засега не ги премислува надлежните да го продолжат рокот за нивно искористување и следната година. Тој инаку, истекува на 15 декември. Од Агенцијата за промоција на туризмот сметаат дека искористеноста на ваучерите можело да биде поголема, па директорот Љупчо Јаневски е на мислење дека рокот треба да се продолжи во текот на целата зима.

„Сметам дека над 50 илјади ваучери коишто не се искористени треба да им биде продолжен рокот доколку е можно. Во овој момент нашите ски-центри не се затворени, а ваучерите може да се користат до средината на декември“, рече Љупчо Јаневски, директор на Агенција за поддршка и промоција на туризмот.

Од Министерството за економија велат, парите предвидени за оваа намена не може да се префрлат за догодина.

„Министерството за економија средствата за оваа намена ги има обезбедено во Буџетот за 2020 година што значи дека истите нема да можат да се користат во 2021“, се наведува од Министерството за економија.

Хотелиерите пак, признаваат дека со ваучерите ќе затворат „некоја дупка“ во сезоната која одамна е прогласена за катастрофална.

„Не е некоја голема сума, но е значајна за нас, за другите 3-4 месеци да можеме да ги издржиме во однос на персоналот и основните давачки кои ги имаме како струја, вода“, рече Муса Рашид-сопственик на хотел.

Инаку, податоците велат дека од 110 илјади ваучери колку што добија граѓаните за годишен одмор, се искористиле само 43 илјади. Хотелиерите сметаат дека доколку владата реши да ја продолжи оваа мерка и следната година, сумата од 100 евра треба да биде зголемена барем за 50 отсто.

Туристичките работници сметаат дека многу ваучери останаа неискористени токму поради тоа што имале ниска вредност, па разликата која граѓаните требало да ја доплатат од свој џеб, била голема.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button