ВЕСТИМАКЕДОНИЈАСВЕТ

Земјите од Г7 го поддржуваат брзото отворање на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ

Земјите од Г7 го поддржуваат брзото отворање на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ

Групата седум индустриски развиени земји ги пофали Албанија, Косово, Црна Гора и Северна Македонија за целосно усогласување на надворешната политика со Европската Унија, вклучително и санкциите, и ја повикаа Србија да го стори истото. Силно го поддржаа и брзото отворање на преговорите на Северна Македонија и Албанија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Министрите за надворешни работи на Г7 го поздравија напредокот во инклузивната регионална соработка и енергетската транзиција, особено преку Заедничкиот регионален пазар и Зелената агенда за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, беше објавено синоќа на веб-страницата на германското Министерство за надворешни работи по средбата во Германија.

Министрите од Г7 ја потврдија својата посветеност за европската перспектива на шесте земји од Западен Балкан за кои, како што се вели, обезбедуваат безбедност, стабилност и просперитет во регионот.

Тие го поздравија фактот што Западен Балкан е обединет во осудата на руската агресија врз Украина, особено во Генералното собрание на ОН. Го поздравија усогласувањето на Босна и Херцеговина со рестриктивните мерки на ЕУ против Русија и едностраното усогласување на Косово со тие мерки.

Министрите за надворешни работи на Г7 ги повикаа Косово и Србија да се вклучат конструктивно во дијалогот со посредство на ЕУ, целосно да ги спроведат сите претходни договори без одлагање и да ги нормализираат односите преку сеопфатен и обврзувачки договор.
Во соопштението се додава дека земјите од Г7 мора да продолжат да му „помагаат на Западен Балкан да ја намали зависноста од руските енергенси и чувствителноста на економската принуда“.

Во соопштението се изразува загриженост поради продлабочувањето на политичката криза во БиХ и се осудува секој обид за поткопување на единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.
Членки на Г7 се САД, Обединетото Кралство, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button