ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Згасна ентузијазмот, вакцинацијата во Македонија нема да започне пред февруари

Згасна ентузијазмот на здравствените власти дека во јануари ќе ги донесат првите анти-ковид вакцини. Првиот контингент од 5.850 дози договорен со „Фајзер“ се очекува да пристигне во февруари. Од Министерството за здравство велат дека се подготвени да започнат вакцинација, за што се платени и 833.000 дози од платформата „Ковакс“.

Донациите од Австрија, Полска, Грчка и Бугарија се одложени за друга фаза, иако ветија дека со првиот контингент ќе се солидаризираат со земјата. Источниот сосед ветувањето дури го потпиша и на хартија.

„Министерот за здравство Венко Филипче и неговиот бугарски колега Костадин Ангелов потпишаа писмо со кое Република Бугарија се задолжува да донира дел од секоја нарачка на вакцини против Ковид-19, кои самите ги купија, за нашата земја. Во ова писмо нема никаков услов”, велат од Министерството за здравство.

Македонија е една од ретките земји на Западен Балкан во кои вакцинацијата не е започната.
Додека сите соседни земји ги примиле вакцините, новитет во јануари за нашата земја е пристигнување на лекот Ивермектин, кој ги лечи само ефектите предизвикани од вирусот но не и самиот Ковид-19.

Бројни критики за платформата Ковакс стигнаа и од Албанија, каде премиерот Еди Рама рече дека земјите од Западен Балкан се оставени на милост и немилост на судбината.

„Кажете ми дека Македонија започна! Не започна, за жал требаше да почне, но не започна. И не е по вина на Македонија. Кажете ми дали Бугарија им даде? Не! Само со зборови рекоа дека ќе им дадат 100 парчиња, но сѐ уште не ги дале, ако ги дале ќе ги користеа“, изјави Еди Рама, премиер на Албанија.

Додека чекаме анти-ковид вакцина, изгледа дека ќе стекнеме природен колективен имунитет. Според здравствените експерти, сегашните бројки од над 80 илјади дијагностицирани, во реалноста се десет пати поголеми, прогноза која во пракса е прифатена во сите земји според СЗО. Вчера од својата канцеларија во Скопје, од СЗО рекоа дека во февруари Македонија ќе ја прими вакцината против Ковид-19.

Националниот план за имунизација предвидува 1,2 милиони наши граѓани да бидат вакцинирани во рок од 24 месеци.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button