Валандер: САД со поддршка да се спречи влијанието од Русија

Македонија ќе спречи било каков обид за влијание во реализација на стратешките интереси, уверува министерката за одбрана Славјанка Петровска, коментирајќи ги изјавите на високи претставници на ЕУ дека Русија се обидува да го дестабилизира Балканот. Таа кажа дека таков бил примерот со протерувањето на руските дипломати, кои ги пречекориле своите надлежности. Од друга страна, помошник државниот секретар за одбрана на САД, Селест Валандер нагласи дека САД е посветена да им помога на своите партнери од регионот во борбата против изворите на дезинформации, кои имаат за цел да создадат несигурност и засилено политичко влијание на Русија.
„Земјите во Западен Балкан имаат многу слабости, кои се детектирани. Но, клучната разлика помеѓу Русија и САД, како стратешки партнер ( не само во А5 иницијативата туку и во земјите од регионот) е што западните демократии, нашите сојузници, ни помагаат тие слабости да ги надминеме, додека некои други земји тие ги злоупотребуваат за дестабилизација и за отворање на нови конфликти“, рече Петровска.
„За жал, голема мета на напад на тие државни и недржавни субјекти, поконкретно Русија и организациите поддржани од Русија, се обидуваат да ги користат различните политички гледишта во земјите од Западен Балкан, со цел да создадат набој кој Русија ќе може да го искористи“, рече Селест Валандер – помошник државен секретар за одбрана на САД.
Говорејќи за безбедноста на земјава, Петровска истакна дека опасност за Македонија не постои или пак за било какви вооружени инциденти на наша територија. Прашана дали Косово е најранливата држава од регионот, министерката одговори дека сите отворени прашања имаат потенцијал за дестабилизација. Петровска додаде дека Скопје настојува да се изнајдат решенија преку разговор на заедничка маса. Валандер го сподели мислењето, порачувајќи преку дипломатскиот дијалог да се изнајдат компромиси што ќе придонесат за безбедноста на регионот. Таа изрази жалење за инцидентот на северот на Косово, во кој загина косовски полицаец, а потсети и на претходни напади во кои можна мета биле и американски војници.
„Навистина многу жалам дека припадниците на КФОР, каде САД исто така учествува со безбедносни сили за стабилноста на Западен Балкан, беа исто така нападнати“, додава Валандер.
Валандер во Скопје присуствуваше на Самитот на А5-Јадранската повелба, со која годинава претседаваше Македонија. Иницијативата има за цел забрзана интеграција на регионот во НАТО и зачувување на мирот и сигурноста. Наредната година претседавач е Албанија.
Лука Андреев