14 полициски службеници и 52 други лица опфатени во двете истраги на Обвинителството за трагедијата во Кочани

Обвинителството за организиран криминал ја прошири истрагата за полициските службеници во врска со трагедијата во Кочани, во која животот го загубија 61 лице, меѓу кои и шест малолетници, а околу 200 беа повредени. Уапсени се и седум полициски службеници и инспектори од МВР. Со тоа, бројот на полициски службеници опфатени со истрагата се искачи на 14. Инволвираните се од регионот на Кочани и Штип, а се сомничат дека дале одобрување дека изгорената дискотека „Пулс“ ги исполнувала законските услови за работа во делот на јавниот ред и мир и безбедност во сообраќајот, иако во реалност не ги исполнувала. Нивното дејствување ѝ овозможило на дискотеката да добие „зелено светло“ за работа.
Посебна истрага за трагедијата води и Основното јавно обвинителство- Кочани. Досегашната истражна постапка опфаќа вкупно 52 физички и 3 правни лица. Временскиот период на истрагата се протега од 2012 година, кога е отворена дискотеката, до кобното утро на 16 март оваа година. Според Обвинителството, осомничените со своето дејствување или недејствување во овој период овозможиле кабарето да функционира иако не ги исполнувал минималните технички услови за заштита од пожар, документација како и други услови, особено во делот на дозволување влез на лица под 18-годишна возраст. Во истрагата е опфатен и неформалниот сопственик на „Пулс“ Дејан Јовановски – Деко, заедно со неговиот син, како и членови од обезбедувањето на објектот. Според информациите од Обвинителството, исто така се опфатени и двајца членови на музичката група „ДНК“, кои настапувале вечерта на трагедијата. Истрагата е проширена и во делот на одговорноста на раководителите на институциите во последните 13 години.
Меѓу осомничените се и тројца поранешни градоначалници на Кочани, вклучително и актуелниот во моментот на трагедијата, Љупчо Папазов. На листата се и четворица поранешни министри за економија и тоа Крешник Бектеши, Дритон Кучи, Беким Незири и Валон Сарачини. Се истражуваат и поранешните директори на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу, Аднан Џаферовски, Беким Максути и Џеват Селами. Меѓу осомничените се и поранешните директори на Пазарниот инспекторат Горан Трајковски и Виктор Демерџиев.
Според најавите, истрагата ќе продолжи уште два месеци, а не се исклучува можноста дополнително да се прошири. Поради големиот обем на предметот, Обвинителството веќе сослуша стотици сведоци.
Суад Бајрами