Завршна декларација од Самитот ЕУ-Западен Балкан: Забрзувањето на пристапниот процес е заеднички интерес

Иднината на Западниот Балкан е во ЕУ и затоа уште еднаш ја потврдуваме нашата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на регионот во Унијата, се наведува во Предлог-завршната декларација на Самитот ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи утре во Брисел и на кој ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани.
– Како што е наведено во Декларацијата од Гранада, проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Од нашиот последен самит има нова динамика во процесот на проширување и забележителен напредок. Забрзувањето на пристапниот процес, заснован на кредибилни реформи од страна на партнерите, правична и ригорозна условеност и принципот на индивидуални заслуги, е во наш заеднички интерес, се наведува во предлог-текстот во кој МИА имаше увид.
Во текстот натаму се посочува дека помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се сржта на Европската Унија, па затоа од суштинско значење е спроведувањето на меѓународните договори со добра волја и со видливи резултати, вклучително и на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
– Се уште се потребни решителни дополнителни напори за поттикнување на помирувањето и регионалната стабилност, како и за изнаоѓање и спроведување на дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови и прашањата вкоренети во наследството на партнерите од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и со Договорот за прашањата за сукцесија, како и за случаите на исчезнати лица и прашањата за воените злосторства, се вели во предлог текстот на „Бриселската декларација“.