22 општини без препорачаниот законски стандард за зелена површина по глава на жител

Од 34 урбани општини, 22 не го исполнуваат препорачаниот стандард за зелена површина од 25 м² по лице. Централните зони на градовите немаат доволно јавни зелени површини кои треба да придонесат за намалување на загадувањето на воздухот. Според последниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), Градот Скопје има само 12,44 м² зелена површина по лице, додека општините Чаир и Кисела Вода придонесуваат со само 3% зеленило во градот Скопје.
По Скопје, меѓу поголемите градови е и Куманово, но ниту овој град не ги исполнува препораките за 25 м² зелена површина по жител.
„Генералните урбанистички планови на 22 општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за зеленило од 25 м² по жител, а одржуваните зелени површини и новоизградените зелени површини во корелација со бројот на жители според пописот од 2021 година покажуваат дека ниту една општина не го исполнува стандардот утврден во одредбите од член 19 од Законот за урбано зеленило“, велат од ДЗР.
Според извештајот, само осум општини имаат важечки генерален урбанистички план, додека повеќето работат со стари планови. Во извештајот, исто така, се забележува дека 18 општини немаат одобрено годишни програми за одржување на зеленилото, а 59% не инвестирале во нови зелени површини во периодот 2020-2024 година.
„Централните и локалните власти не обезбедија ефикасен мониторинг и контрола, па затоа неизрекувањето казни за прекршителите, како и намалувањето на казните за прекршоци, придонесуваат за уништување на зеленилото“, додаваат од ДЗР.
Причините за ваквата состојба, според извештајот, се масовната урбанизација, нефункционалната координација меѓу институциите, финансирањето на урбанистичките планови од страна на приватни субјекти и недоволната инспекциска контрола.
Авни Тахири