

Alsat
21.06.2020 17:39
По деценискиот проблем со дефицит на работен кадар во туризмот, годинава на површина изби нов предизвик во секторот. Во земјава има над пет илјади работници повеќе во однос на други години, а тоа се оние туристички работници кои сезонски заминуваа и работат во странство, претежно во Малта, Хрватска, Црна Гора и останати приморски земји. Работата во држава која излегува на море за еден туристички работник е како да бил на висока академија за туризам, вели за Алсат Ангел Иванов, еден од најискусните туристички работници во земјава. Тој смета дека овие лица наместо да чекаат и бараат вработување, треба да отворат свој бизнис и да го искористат искуството стекнато надвор.
„Мислам дека ако овие три цифри ги собереме, 300 400 и 500 евра тоа е некаде 1200 евра, во просек 400 евра е пристојната плата во туризмот, во туристичка агенција во Македонија“, рече Ангел Иванов туристички работник.
Проблемот со ангажирање работен кадар во туризмот оваа година е надминат. Но сега треба да се реши дилемата со финансиите, како да се мотивираат тие лица да останат тука.
„Пробуваме да ги задржиме но немаме никаков приход. Нешто ќе мора да се издејствува, ќе мора да се направи да би опстанале во работа до следната сезона. Инаку ова што ќе биде сега во јули и август со ваучери или било кои други гости кои би ги имале и додека не се отворат границите да добиеме гости од надвор не може да преживее туризмот во Македонија“, рече Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.
Во земјава работат 25 илјади туристички работници. А туризмот е една од гранките која е најпогодена од здравствено- економската криза.
Иле Петревски