ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„27 април“ – Обвинителството достави СМС пораки меѓу Јанакиески и Канческа – Милевска

Обвинителството за организиран криминал и корупција, презентираше СМС комуникација помеѓу Миле Јанакиески и Елизабета Канческа – Милевска, поврзана со протестите „За Заедничка Македонија“. Јанакиески и тогашната министерка за култура прават списоци, но и договараат кои луѓе ќе бидат говорници на протестите кои тогаш се организираа против „тиранската платформа“. На списокот желби се музички групи, уметници, актери.

СМС комуникација:

„Јанакиески: Бети те молам утре да го пратиш Владо Јовановски, ќе залепи многу јако. Ај за мој Прилеп.
Канческа – Милевска: Да оди во Прилеп?
Јанакиески: Да, Бети
Канческа – Милевска: Договорено“

Оперскиот певец, Игор Дурловски, Јанакиески и Канческа – Милевска го договараат да зборува во Битола. Актерот Тони Михајловски да се обрати во Куманово. Канческа – Милевска во една од пораките му се жали на Јанакиески дека е разочарана оти на протестите „За заедничка Македонија“ не зеле учество, професори и доктори. За обвинителството за организиран криминал, пораките покажувале дека ВМРО – ДПМНЕ активно учествувало во организација на протестите, иако низ цел судски процес тврдеа дека партијата немала улога во граѓанското движење кое било независно.

„Со овие докази кои сега се изведуваат, неспорно се докажа улогата во организирање на протестите на партијата ВМРО – ДПМНЕ како и на обвинетите лица кои се во судница, а тоа се Миле Јанакиески и Спиро Ристовски“, рече обвинителката Русковска.

За адвокатите на обвинетите организатори на насилниот 27 – ми април, пораките не докажувале дека Јанакиески организирал протести, туку дека дал поддршка преку организација на уметници кои би говореле.

„Поддршката сметам дека никој во ниеден момент не ја оспори дека имало индивидуална, поединечна поддршка и многу од овие сведоци кои дојдоа изјавија дека по сопствена волја биле на тие протести и тоа го правеле лично, а не организирани партиски“, рече Еленко Миланов, адвокат.

Пораките кои денеска ги презентираше обвинителството, се во дополнение на докази. СМС комуникацијата, Русковска ја обезбедила, откако ги презеле случаите од СЈО. Извештајот за разменетите пораки помеѓу Јанакиески и Канческа – Милевска го нарачала Катица Јанева, но Русковска не кажа што истражувало СЈО и зошто бил вештачен телефонот на Јанакиески. Како организатори на 27 – ми април, обвинети се Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button