8 мај – сѐ поизвесен датум за одржување на парламентарните избори

Осми мај е се поизвесен датум за одржување редовни парламентарни и втор круг од претседателските избори. Овој датум веќе го споменаа дел од коалициските партнери на СДСМ во власта, а премиерот Димитар Ковачевски денеска го потврди месецот, но најави нова средба на парламентарните партии за утврдување на деталите. Според него, дотогаш се очекува и консензус за измените на Изборниот законик во согласност со препораките од ОБСЕ, зашто опозициските партии, како што вели, се вклучиле во процесот.
„Планирам некаде во текот на наредниот период, бидејќи декември нуди таква можност, да се одржи една средба во Собранието, на којашто ќе можеме да ги дефинираме сите детали во однос на одржувањето на изборите“, рече Ковачевски.
Премиерот повтори дека сѐ уште е во сила законското решение за формирање техничка Влада сто дена пред одржувањето на изборите. Се очекува ДУИ да предложи кандидат за премиер, кој би бил усогласен заедно со коалициските партнери. Во меѓувреме, од ВМРО-ДПМНЕ засега нема одговор дали опозициската партија ќе номинира свои технички министри, иако претходно изразија подготвеност за укинување на т.н. техничка Влада. Што се однесува пак, до можностите за предизборни коалиции, денеска Ковачевски ниту потврди ниту отфрли заеднички листи за пратеници со ДУИ.
„Тоа е нешто што е одлука на политичките партии и што е предмет на коалициски договори, така што во моментов за такво нешто не можеме со сигурност да зборуваме“, вели Ковачевски.
Претходно спикерот Талат Џафери им даде рок на партиите да се договорат за датум до крајот на декември, а во спротивно тој би ги распишал изборите во првите можни рокови. Џафери веќе предупреди дека осми мај е критичен датум, зашто до 12-ти истиот месец треба да е инаугуриран новиот претседател. Осми мај е работен ден, среда и следува веднаш по чествувањата за празникот Велигден.
Лука Андреев