„8 Март“, протестен марш пред Влада

8 март не е празник за примање букети со цвеќе туку за кревање глас против постојаните неправди кон женскиот пол. Ова го порачаа активистите за време на маршот по повод Меѓународниот ден на жената, истакнувајќи ја сиромаштијата на жените, неплатената работа што ја работат секој ден, ризикот од економско насилство и стареење без пензија.
„Денеска протестираме за сите жени од руралните средини кои го загубија пристапот до јавниот превоз и здравствените услуги, за жените со попреченост кои немаат дополнителен пристап и тоа ги направи уште поневидливи, за жените Ромки кои ги загубија работните местата и онака со ниски плати и за сите жени кои немаат пристап до услугите за репродуктивно здравје кои ги доведуваат до уште поголема сиромаштија“, изјави Рита Бехадини, активист
И овој 8 март беа побарани гинеколошки здравствени услуги за жени во општина Шуто Оризари.
„И овој 8 март, како и повеќе од 10 години, жените од општина Шуто Оризари не можат да го одбележат или честитаат затоа што не ги уживаат сите човекови права, тука спаѓаат и здравствените права. Во Шуто Оризари нема гинеколог, но не само тоа, невработеноста кај Ромките е на високо ниво“, изјави Салија Беким Халим, Иницијатива за жени од Шуто Оризари.
Овој марш повика на итно одобрување на Стратегијата за родова еднаквост 2021-2026 година и усвојување на Законот за родова еднаквост, итно усогласување на политиките и законите со Истанбулската конвенција и резолуцијата 1325, како и итно одобрување на измените на Кривичниот законик за усогласување со Истанбулската конвенција и сеопфатна заштита на жените од насилство. /Алсат.мк
Мелихате Рустеми