
Од утре се замрзнува цената на јајцата од 8,5 до 9,8 денари во зависност од големината и пакувањето. Тоа значи дека граѓаните за десет јајца ќе продолжат да плаќаат од 85 до 100 денари. Според одлуката на Владата, домашните производители треба да ја следат динамиката на производство како во месеците јануари и февруари а само 30 отсто од јајцата ќе можат да се извезуваат во странство. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека оваа одлука ќе важи до 30 април и е донесена специјално за велигденските и рамазанските празници, со цел да се ограничи извозот и поскапе цената.
За производите од месо , овошје, зеленчук во иднина ќе се анализираат пазарните параметри, и според надлежните, и за овие производи може да има замрзнување на цените. Овие производи се и меѓу најскапите во потрошувачката кошница, кои го оптоваруваат буџетот на граѓаните. Министерот Крешник Бектеши вели цените на јајцата и оризот се замрзнала на сегашните цени за да не се зголеми дополнително притисокот за зголемената побарувачка од пазарите во соседните земји.
„Просечната цена на јајцата во земјава е од 8,5 до 9,8 денари во зависност од големината и пакувањето. Зголемена е побарувачката на домашни јајца од соседните земји, каде цените се движат меѓу 14-20 центи по јајце. Доколку се дозволи извоз на јајца производителите целото производство ќе го продаваа во странство, па освен што ги замрзнавме цените, ја ограничивме и количината што ќе се дозволи да се извезува“, рече Бектеши.
Според земјоделците, во земјава дневно се произведуваат 700-800 илјади јајца. Покрај задоволувањето на потребите на домашниот пазар, 30-40% од оваа бројка се извезува во странство.
Аднан Ќаили