„Империја“: Митровски доби условна казна, треба да плати и отштета од 1,5 милиони евра во Буџетот

Бизнисменот Зоранчо Митровски во случајот „Империја“ доби условна казна од две години затвор која нема да се изврши доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело.
Неправосилната пресуда денеска ја изрече судечки совет во Основниот кривичен суд Скопје на чело со судијката Васка Николовска-Масевска. Покрај казната, со првостепената пресуда судот одлучи Зоранчо Митровски и „Еземит вино“ ДООЕЛ солидарно да платат и отштета од 92,25 милиони денари (околу 1,5 милиони вра) во корист на Буџетот на РСМ, додека фирмата АД „Бетон Штип“ за преднајавената штета се упатува парите да си ги бара во граѓански спор.
Митровски пресудата ја доби за две кривични дела: злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари.
„Судот за кривично дело злоупотреба на службената положба му утврдува казна затвор од една година и три месеци, додека за делото перење пари казна затвор од една година и еден месец. Согласно законот за двете кривична дела судот му одредува една единствена алтернативна мерка условна осуда казна затвор од две години затвор, ако во следните пет години не стори друго кривично дело“, рече судијката Николовска Масевска.
Изрекувањето на пресудата следува откако Митровски на првото рочиште одржано на 20 март годинава призна вина и постапката за него беше раздвоена.
Тогаш со него на обвинителна клупа седнаа и Цветан Панделевски и Јованчо Тасковски. Панделевски не призна вина и пред судот рече дека не го разбира обвинението и не се чувствува виновен. Тасковски, пак, преку неговиот адвокат побара одложување за да направи увид во штетата, а адвокатот Мерџан Даути рече и дека неговиот клиент се двоуми да признае и вина.