Иако е побрза и поевтина нема интерес за судење преку арбитража
Иако е побрза и поевтина нема интерес за судење преку арбитража

И покрај тоа што е постапката е бесплатна, во Македонија досега ниту еден работник не се решил да покрене постапка против својот работодавач по пат на арбитража. Од друга страна граѓанските судови низ земјава се преполни со постапки кои се водат на релација работник – приватна компанија или вработен – државно претпријатие или јавна институција. Ниското ниво на информираност за ваквата можност е една од главните причини зошто засега нема ниту еден индивидуален предмет со кој правдата се бара по алтернативен пат.
Причините за ваквата состојба од Министерството за труд велат дека треба да се бараат во законското решение за арбитража и недоволната запознаеност на работниците и работодавачите со оваа можност. Надлежните сметаат дека мора да се земе предвид и дека мирното решавање на работните спорови нема долга традиција во Македонија.
„Ќе се утврдат сите недостатоци и слабости на постоечкиот механизам за мирно решавање на работните спорови, а потоа ќе се донесе акциски план за унапредување на мирното решавања на работните спорови, со цел системско решавање на сите недостатоци на постоечкиот механизам“, велат од Министерство за труд и социјална политика.
Решавањето на спорови по пат на арбитража во Македонија нема долга традиција. Законот е донесен во 2014, а целат постапка почна една година подоцна. Од правната фела за Алсат велат дека граѓаните треба да имаат доверба во оваа правна алатка и да ѝ дадат шанса.
„За жал поразителни ни се статистиките. Граѓаните, работниците, работодавачите не го применуваат или не го знаат или можеби имаат недоверба. Ние гледаме дека граѓаните во нашата држава апсолутно имаат недоверба за сè така што, можеби за ова треба да има поголема едукација“, нагласи Мимоза Салтирова Адвокатка.
Освен индивидуални спорови, преку арбитража во земјава може да се решаваат и колективни спорови помеѓу вработени и приватни фирми, но и компании кои се во државна сопственост. Од друга страна постои и арбитражна постапка односно решавање на алтернативен начин на спорови помеѓу компании, било тоа да се приватни или државни. Но и во овие случаи многу е мал процентот на правни лица кои со помош на ваков метод решаваат да дојдат до правдата./Алсат.мк
Иле Петревски