Од среда ќе јадеме поевтини салати, манџи и овошје
Од среда ќе јадеме поевтини салати, манџи и овошје

Од среда до крајот на април замрзнуваат цените на 11 видови овошје и зеленчук. Со одлука на Владата од 5 април во маркетите и пазарите по пониски цени ќе се продаваат доматите, краставиците, кромидот, карфиолот, пиперките, гравот, леќата, бананите, лимоните, портокалите и мандарините. Но, со оваа мерка не е наведена класата на производите и не ги обврзува производителите и трговците за продаденото количество.
„Свежите домати ќе чинат најмногу 70 денари, краставиците 75, кромидот 60, карфиолот 70, пиперките да не надминуваат 90 денари, гравот 75, леќата 110, бананите 70, портокалите 55, мандарини 60 и лимоните 55 денари за килограм“, се наведува во Владина одлука за овошје и зеленчук.
Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека од мај, кога ќе се пуштат и повеќе домашни производи на пазарот, ќе има уште пониски цени, бидејќи оваа мерка е донесена за само 25 дена поради двата верски празника во земјава, Рамазан Бајрам и Велигден.
„Знаеме дека кај нас има одредени производители и увозници кои покриваат над 70-80% од пазарот во одредени артикли, така што ќе постапиме координирано и со Инспекторатот и Комисијата за заштита на конкуренцијата“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.
Додека домашните производи сè уште ги нема на пазарот, најголем дел од овошјето и зеленчукот доаѓаат од Албанија и Грција. Анализите на увозот од царината покажаа дека дел од овие производи во изминатите месеци се продавале поскапо и за 250 отсто. Пазарниот инспекторат мора да го контролира спроведувањето на мерката за замрзнување на цените. Но, продавачите на пазарите се евидентирани како трговци поединци и не издаваат фискални сметки. Контролата е уште потешка со количините кои се продаваат рефус. Досега биле извршени над 1.800 контроли за сите мерки за замрзнување на цените. Изречени биле 20 казни за прекршоци со вкупна вредност од над 2 и пол милиони денари.
Во пресрет на Велигден и Бајрам донесена беше одлука за замрзнување на цените на јајцата, оризот и средствата за хигиена. Претходно тоа беше случај и со тестенините и млечните производи, белиот и полубелиот леб. Здруженијата на потрошувачи бараат овие мерки да продолжат и по истекот на одлуките./Алсат.мк
Аднан Ќаили