Кривичен влезе во клинч со Апелација

Остра реакција во која ги прозива апелациските судии дека само административно ги укинува пресудите и ги враќа предметите на повторно судење и во која ги „потсетува“ дека имаат опција да донесат мериторна одлука, објави денеска Основниот кривичен суд откако вчера Апелацискиот суд во Скопје ја укинува пресудата со затворски казни за предметот „Организаторите на 27 април“ и го враќа случајот на повторно судење.
Во дел од објаснувањето од Апелација за укинувањето за пресудата беше наведено дека Кривичен ги занемарил приговорите на обвинетите кога барале амнестија според Законот кој беше донесен во Собранието, за што од првостепениот суд денеска велат нивните колеги од повисокиот суд го држеле предметот повеќе една година кај нив, па имале време да одлучат за амнестијата без притоа да навлегуваат во анализа на доказите и утврдување на фактичката состојба.
„Доколку причината за укинување на пресудата е од техничка природа, односно примена на Законот за амнестија, тогаш судот можел веднаш да одлучи, пред сè заради заштита на правата на обвинетите кои беа во притвор и под мерки, правата на оштетените кои се во исчекување на конечна одлука, но и заштита на самата постапка која може да застари. Мора да се има предвид дека со укинување на пресудата и нејзино враќање на повторно постапување, се прават дополнителни трошоци, одолговлекување и загрозување на правото за судење во разумен рок, кое е на штета на сите нас“, велат од Кривичен.
На страна од амнестијата, и во однос на казните изречени со првостепените пресуди, од овој суд ја потсетуваат Апелација може мериторно да одлучува.