
Во неодамнешната владина одлука за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот не беше прецизирано кои категории треба да се продаваат по одредени цени. Освен што се спомнуваат 11 земјоделски култури, во нив не се подетално истакнати поткатегориите, што ги буни граѓаните. Ова остава простор за производи со квалитет од втора класа да се продавата по многу високи цени.
Од Здружението за заштита на потрошувачите велат дека има многу поплаки од граѓаните за квалитетот.
Бидејќи домашните производи се уште ги нема на пазарот, најголем дел од овошјето и зеленчукот се носат од Албанија и Грција. Анализата на царината покажала дека дел од овие производи во изминатите месеци се продавале поскапо и до 250 отсто. Министерот за економија вчера рече дека Министерството за земјоделство е надлежно за квалитетот на овошјето и зеленчукот, со надеж дека по еден месец со пласманот на домашните производи на пазарот ќе има намалување од 30-40%.
„Наша обврска како министерство за економија е да анализираме колкава била просечната цена во текот на месец март, колкави биле увозните цени и дали биле испочитувани наведените маржи. За квалитетот на овошјето и зеленчукот, обратете се до Министерството за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство“, рече министерот Бектеши.
Од Министерството за земјоделство демантираат дека имаат надлежност во овој дел.
„Министерството за земјоделство извести за два параметри, цените на увезените залихи на овошје и зеленчук според релевантните берзи и цената на чинење на производ што го одгледуваат домашните земјоделци на пазарот“, наведуваат од Министерството за земјоделство.
Од среда до крајот на април замрзнуваат цените на 11 овошја и зеленчук. Со одлука на Владата од 5 април доматите, краставиците, кромидот, карфиолот, пиперките, гравот, леќата, бананите, лимоните, портокалите и мандарините по пониски цени ќе се продаваат и на маркетите и на пазарите.
Во пресрет на Велигден и Рамазан Бајрам донесена е одлука за замрзнување на цените на јајцата, оризот и хигиенските препарати. Претходно, тестенините и млечните производи се замрзнаа за 15 и 10 отсто, додека белиот и полубелиот леб од 450 грама се намали на 33 денари.
Аднан Ќаили